Словенија е одлична земја да се биде студент!

Словенија е одлична земја да се биде студент!

Интервју со Ана Кртолица – Георгиев и Марија Маневска

Словенија е одлична земја да се биде студент!

Сите културни институции имаат попусти за студенти, а библиотеките нудат бесплатна членарина за студенти

Поради популарноста за Словенија  меѓу граѓаните од другите поранешни југословенски држави и студиите во Љубљана и Марибор, кои се бесплатни за македонските државјани, контактиравме со две Македонки, кои своето образование го имаат стекнато токму на Универзитетот во Љубљана.

Ана Кртолица-Георгиев (35), дипломиран стоматолог на Универзитетот во Љубљана, главниот град во Словенија, со долгогодишно работно искуство на Државна клиника во Љубљана. Кога ја запрашавме Ана дали би одвоила време да го сподели своето искуство од нејзините студии во Љубљана, со широка насмевка на лицето го прифати предизвикот.

Зошто се одлучивте да го продолжите Вашето студирање на Универзитетот во Љубљана? И кои професионални и лични бенефиции може да се развијат во текот на студиите?

Бидејќи потекнувам од семество со стоматолошка традиција добив солидни смерници околу тоа што значи да се заврши Медицински Факултет и каков крупен залак е тоа. Затоа, со голема поддршка од дома решивме дека кога веќе се одлучувам за вакви напорни студии, вреди да се здобијам со квалитетно знаење и призната диплома во светот. Помеѓу потесниот избор на градови за студирање беше и Љубљана. Кога сега повторно би имала осумнаесет години и би стоела пред еден ваков предизвик на откоренување и самостојна борба, повторно би избрала да заминам во Словенија. Ниту најмалку не е лесно да си млад и сам и да мораш самиот да си одговорен за сите предизвици во друга држава, но нема ништо подобро од ваквиот начин на градење на индивидуата. Кога ќе поминат сите оние години напорна работа, проблеми со јазик, асимилација, стекнување нови пријатели и тн., застануваш исправено и гордо со тоа што си успеал да направиш за себе. Искуствата се тие кои ја пишуваат нашата книга и впрочем ние сме тоа што сме го направиле и доживеале. Би рекла дека е доволна сатисфакција што се градите во одговорна и способна личност.
Знаењето што го стекнав на Медицинскиот Факултет во Љубљана ми е бесценето. Тоа се гледа и чуствува секојдневно во мојата работа. Не знам дали и денес е исто како тогаш кога јас студирав, но тоа беше еден темелен систем со многу учење, многу практична настава, достапни професори и мал број на студенти. Студии со речиси индивидуален пристап. Стоматологијата е занает и ако не почнете да работите рано под водство на ментор, тешко ќе се чувствувате сигурни во работата по студиите. Јас таа пракса ја добив во одлична форма.

Kурс по словенечки јазик во Едукативен центар ” Да Научиме”! Месечна рата – 2400 денари со вклучени книги!

Информации на danaucime@gmail.com или 071/638997

 

Ана вели дека нејзиниот студентски живот во првите години од студиите воопшто не бил лесен, односно процесот на студирање во Словенија е учење и напорна работа. Сепак, таа вели дека студентскиот живот во Љубљана е добро организиран: „студентите во Словенија имаат многу права и поддршка од државата. Имаат студентски домови, субвенции за храна и можност за пристојна цена да се јаде дури и во елитни ресторани, има многу културни настани и манифестации. Студентите во Словенија прилично уживаат“.

На прашањето: Каква нација се Словенците, Ана одговори: „Не смеам да изоставам да споненам дека Словенците се затворена нација. Љубљана не е Париз и Лондон, каде што сите се странци, но никој со тоа не се оптеретува. Ако сакате во Љубљана да се асимилирате и социјализирате, наоружајте се со трпение, бидејќи таму ќе бидете странец (балканец) долго, долго време.

Какво е вашето работно искуство во Љубљана? Дали мислите дека добивате соодветна професионалност од институцијата во која работевте и зошто кај нас не е така?

Во Љубљана работев седум години во јавно здравство. Словенија сѐ уште функционира како социјална држава и луѓето се навикнати здравствената заштита да ја добиваат речиси бесплатно во јавните здравствени установи. Тоа значи многу за Вашата професионалност и стекнување на искуство. Словенија ме научи на еден поинаковг критериум, каде што сѐ функционира и постои хиерархија. Јас во тој систем не сум имала проблеми. Ригорозни се и доследни, но функционираат.
Не можам да направам реална споредба со Македонија бидејќи тука работам во сопствена приватна ординација, која функционира по словенечки стандарди на кои сум навикната и премногу не се соочувам со системот.

Што би им препорачале на идните студенти што сакаат да го продолжат своето образовани на Универзитетот во Љубљана?

Љубљана е добар избор за студирање. Универзитетот е солиден и верувам дека доколку сте амбициозни можете да соберете доволно знаење и контакти, кои ќе ви користат понатаму. Пробајте, па истражите малку подлабоко што нуди Љубљана како град и верувам дека ќе бидете задоволни. Иако навидум стерилна, како што ја доживуваат сите кога одат на кратки туристички патувања, таа нуди многу и ќе ги рашири вашите перспективи на многу полиња. Широките видици се секако многу важна работа во созревањето и изградувањето на личноста.

 

 

Марија Маневска (27) моментално живее и работи како инжинер во одделот за развој на интегрирани кола и моментално е на докторски студии на Факултетот за електротехника во Љубљана. На прашањето зошто токму Словенија, а не Македонија и кои се професионалните и личните бенефиции од студирањето на Универзитетот во Љубљана, Маневска вели: „Се одлучив бидејќи сакав да се „пробам“ надвор од Македонија, а сепак да не сум предалеку од дома. Студирањето надвор од Македонија на Универзитетот во Љубљана ми овозможи да се изградам како независна и самостојна личност, да се вклопам во поинаква средина и пред сѐ да го завршам факултетот, т.е. причината поради која се преселив во Љубљана, за подоцна да најдам и работа.

 

Да ни кажете нешто повеќе околу студентските попусти, промоциите и животот како студентка во Словенија?

Словенија е одлична земја да се биде студент! Државата субвенционира по еден оброк во (работен) ден и за релативно ниска цена може да се јаде во речиси сите ресторани низ Љубљана. Месечните карти за градски автобус се исто така субвенционирани. Сепак, омилено средство за превоз на многу студенти, а и жители на Љубљана е велосипедот.

Сите културни институции имаат попусти за студенти, а библиотеките нудат бесплатна членарина за студенти. Иако Љубљана нема некој си ноќен живот на ниво, преку недела има многу студентски забави. Во врска со спортот и рекреацијата, Универзитет секој семестар организира бесплатни спортски активности од секаков вид.

 

Какви се можностите за вработување после студирањето?

Пред сѐ зависи од областа на студирање. За жал, во последните години се влошуваат условите за вработување на младите и има многу млади кои се селат надвор од Словенија. Многумина почнуваат со работа од областа која ја студираат кон крајот на студиите и со тоа си обезбедуваат вработување. Се разбира, тоа понекогаш го злоупотребува работодавачот. Ситуацијата како и секаде не е розова и повеќе се сведува на индивидуални случаи.

Што би им препорачале на идните студенти што сакаат да го продолжат своето образование на Универзитетот во Љубљана?

Најпрво да се преиспитаат самите себе дали можат да се справат со таква промена, да бидат сигурни дека ја имаат поддршката од нивните најблиски и на крај да се научат да уживаат во најубавите години од нивниот живот, и покрај сите стресни ситуации поврзани со факултетот, финансиите, бирократијата и сл :).

Share Button